Има ли нешто поубаво од уживање на плажата со вашата SUP даска, дишење свеж воздух и некој освежителен коктел? Уживањето во благодетите на водата може да ви биде ускратено доколку имате повреда која ве обврзува да останете на брегот. SUP техниката на веслање, како и секој друг спорт ја изложува индивидуата на ризик од повреди.
Ние ќе се обидеме да ве посоветуваме со некои едноставни мерки со кои ќе го намалите ризикот да се здобиете со некоја од најчестите повреди при веслањето.
-
Не се држете прецврсто за вашата даска или весло.
Вашите раце користете ги како поврзувачки точки помеѓу вашето тело и вашата даска, односно весло. Меѓутоа избегнувајте да користите непотребна сила за прецврсто држење за истите. Згрченоста им создава непотребен притисок на мускулите на рацете и зглобовите, што на долг рок може да резултира со незгодна, трајна повреда. Според правилата за веслање, најпрактично е на долната рака со која го држите веслото палецот и малиот прст да ви бидат олабавени; додека, со раката со која го држите врвот на веслото ја користите само дланката.
-
Ротирајте го телото за да искористите максимум енергија
Преку ротирање на целото тело синхронизирано со страната на која замавнувате со веслото искористувате максимум од енергијата која ја вложувате. Дополнително, на тој начин ги „одморате“ рацете, односно го намалувате притисокот кој истите го сносат. Преку ротирање всушност го активирате комплетниот горен дел од мускулниот комплекс кој продуцира далеку повеќе енергија одошто тоа е возможно доколку ги користите само рацете. Секогаш обидете се енергијата да ја извлекувате од колковите и да ја насочувате нагоре преку целото тело.
-
Израмнете ја силата на притисок и влечење
Важно е да знаете дека иако имате чувство дека веслото го влечете кон вас, всушност самите се привлекувате до позицијата каде сте го потопиле веслото. Затоа израмнете ја силината со која веслото влегува под водата и силата која ја користите за да се привлечете кон него. Користете ги колковите како оска за да го распределите напорот рамномерно на обете страни на телото.
-
Пронајдете соодветен ритам
Веслањето не би требало да има фази, туку треба да е континуиран процес. Проѓање на соодветното темпо кое можете да го одржувате е клучно. Во почетокот ќе имате проблем со одржување на темпото, па не се плашете да побарате совет или помош од професионалец. Одржувањето на темпото има повеќе сегменти, како ускладување на дишењето, синхронизирани движења на телото и координирање на вложениот напор. Бидете трпеливи и ќе го совладате со сигурност.
-
Загревајте ги мускулите
Како и при секоја друга физичка активност, важно е да ги загреете мускулите. Тоа не мора нужно да го правите со помош на вежби, доволно е лесно да веслате првите неколку минути. Откако ќе се почувствувате подготвени, започнете со вложување на оптималниот напор.